• Мартин Танасковски
Јувентус влезе во сериозна резултатска криза во исклучително чувствителен дел од сезоната. Само неколку дена по елиминацијата од Купот на Италија, каде што беше убедливо поразен од Аталанта во четвртфиналето, тимот од Торино вечерва со многу мака стигна до бод против Лацио. Натпреварот од 24. коло на Серија А заврши 2-2, а домашните се спасија од пораз со гол во последните секунди од судиското надополнување.
Иако останува на четвртата позиција со 46 освоени бодови, Јувентус би можел уште утре да ја загуби таа позиција, доколку Рома слави на домашен терен против Каљари. Лацио, пак, со овој бод се наоѓа на осмото место со вкупно 33 бодови.
Првото полувреме мина во знак на бледи и неинвентивни напади на домаќините. Јувентус тешко создаваше сериозни закани, додека Лацио дисциплинирано и трпеливо се бранеше, чекајќи ја својата шанса. Таа дојде во втората минута од судиското надополнување, по сериозна грешка на Локатели на средината од теренот. Малдини му ја одзеде топката и веднаш ја поведе контрата на гостите, навремено асистирајќи му на искусниот Педро, кој по левата страна ја нападна неподготвената одбрана на Јувентус. Со прецизен удар со левата нога го погоди спротивниот агол и донесе водство за Лацио.
Тоа беше вистински шок за „старата дама“, од кој тимот не успеа да се опорави ниту по паузата. Веќе на стартот од второто полувреме, Лацио повторно удри. Во 48. минута, Каталди испрати извонреден долг пас од својата половина во празниот простор по десната страна, каде што Исаксен беше побрз од Камбиасо, влезе во шеснаесетникот и прецизно реализираше за 2-0.
Неколку минути подоцна, гостите имаа идеална можност целосно да го решат прашањето околу победникот, но Деле-Баширу пропушти огромна шанса за трет гол, што брзо беше казнето. Во 59. минута Јувентус конечно успеа да се врати во игра. По подолга опсада на голот на Лацио, Проведел најпрво брилијантно одбрани удар на Жерговa, но акцијата продолжи. Камбијасо нафрли од левата страна кон линијата на петте метри, а Мекени најдобро се снајде и со удар со глава го намали резултатот на 2-1. До крајот следуваше силен и очаен притисок на домаќините, со неколку зрели можности за израмнување. Голманот Иван Проведел беше еден од најдобрите поединци на теренот и со низа интервенции го држеше Лацио во предност. Сепак, најголемата шанса во финишот ја имаа гостите. Во 86. минута, Нослин излезе сам пред голот по контра-напад, но неверојатно промаши чиста шанса.
- Извештај од натпреварот:
Како што често се случува во фудбалот, пропуштената можност беше казнета. Иако натпреварот беше продолжен за шест минути и изгледаше дека Лацио ќе издржи, во 96. минута дојде неизбежното. Стоперот на Јувентус, Калулу, се најде на вистинското место во шеснаесетникот и со погодок во последните моменти го постави конечниот резултат од 2-2, спасувајќи бод за својот тим, но не и криејќи ги длабоките проблеми со кои Јувентус моментално се соочува.








