Јувентус се раздели со Дибала, Бернардески и Мората

Екипата на Јувентус ги поздрави тројцата фудбалери кои заминуваат како слободни агенти по истекот на договорите. 

Со сигурност, најследена е ситуацијата со Пауло Дибала. Одличниот аргентински плејмејкер заминува од Торино по седум години, иако беше голема ѕвезда на Јуве и остави печат во овој период. Иако постоеше најави дека би можел повторно да се договори со клубот, веројатно шансите за тоа се мали. Дибала во Јувентус одигра 293 натпревари, даде 115 погодоци и запиша 45 асистенции, а се радуваше на дванаесет трофеи. 

По пет сезони од таборот на „старата дама“ заминува и Федерико Бернардески. Крилото остана без договор, не се договори со клубот и сега е во потрага по нова средина. Бернардески со Јуве крена седум трофеи, три скудета и по два Купа и Суперкупа. По истекот на двегодишната позајмица заминува и Алваро Мората. Клубот не се реши да го откупи Шпанецот, па тој се враќа во Атлетико Мадрид, завршувајќи ја втората епизода во Јувентус.