• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Јувентус и Торино одиграа без голови, 0-0, во градското дерби познато како „Дерби дела Моле“, во рамките на 11. коло од италијанската Серија А. И покрај високите очекувања, особено по тренерската промена во редовите на „Старата дама“, двете екипи не успеаја да прикажат вистински квалитет и динамика на игра која би донела поубедлив исход.
- Јувентус - Торино 0-0:
По заминувањето на Игор Тудор, на клупата на Јувентус седна искусниот Лучијано Спалети, но новата енергија која се очекуваше сè уште не е евидентна. Јувентус имаше нешто подобар впечаток во првото полувреме, создаде две солидни шанси преку Копмајнерс и Камбијасо, но во двата наврати сигурно интервенираше голманот на гостите, Алберто Палеари, кој беше еден од најзаслужните за освојувањето на бодот.
Во вториот дел, домашниот тим се очекуваше да изврши поголем притисок и да ја преземе иницијативата, но тоа не се случи. Наместо тоа, Торино доби простор за контранапади и во 61. минута беше блиску до водство. По одличен продор и дриблинг на Че Адамс, гостите можеа да поведат, но голманот Ди Грегорио со блескава интервенција го спаси Јувентус од пораз.
Тренерот Спалети потоа се обиде да внесе свежина во нападот заменувајќи го неевидентниот Душан Влаховиќ, кој повторно не успеа да се наметне, а во игра го стави Џонатан Дејвид. Нововлезениот напаѓач имаше можност да го реши натпреварот, но не успеа прецизно да ја заврши акцијата од поволна позиција.
Со овој резултат, Јувентус останува на петтото место на табелата со 19 бодови, додека Торино е на 11. позиција со вкупно 14 освоени бодови. Интересно е што и претходните два дуели во калчото во попладневниот термин завршија нерешено. И тоа без голови. Тоа беа натпреварите Комо - Каљари, односно Лече - Верона.
- Комо - Каљари 0-0:
Попладнево без голови завршија натпреварите Комо - Каљари и Лече - Верона.










