Јувентус ќе биде исфрлен од Серија А ако не се откаже од Суперлигата!

Јувентус е единствената екипа од калчото која официјално не се откажа од проектот наречен Суперлига, а клубот продолжува да добива ултиматум и притисоци за да потпише дека нема да учествува во евентуален таков проект.

По заканата од УЕФА за можна суспензија од еврокуповите, на адреса на Јувентус пристигна уште една закана, овој пат од првиот човек на Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ), Габриеле Гравина.

„Бјанконерите“ мора да се откажат од Суперлигата, во спротивно ќе бидат исфрлени од Серија А следната сезона. Информацијата ја проследија италијанските медиуми, со цитат од главниот претставник на ФИГЦ.

Од сите оние кои сакаа да ја формираат Суперлигата, само Јувентус, Барселона и Реал Мадрид немаат официјален став дека се против ова натпреварување. УЕФА ги казни останатите девет екипи парично, додека за овие три, најави дисциплинска постапка.