Јувентус ја отпочна „мисијата Елмас“, скрои план како да го донесе во Торино

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас би можел повторно да заигра во италијанската Серија А, откако Јувентус ги интензивира преговорите со РБ Лајпциг и го вклучи во листата на потенцијални засилувања за летниот преоден рок.

Според информациите на „Туто Меркато Веб“, торинскиот гигант сериозно ја разгледува можноста да го ангажира Елмас, кој моментно е под договор со РБ Лајпциг до јуни 2028 година. Според истите извори, во моментов се водат преговори Елмас да замине од Лајпциг на едногодишна позајмица, со можност Јувентус подоцна да го откупи неговиот договор по поволна цена која се споменува дека е околу 15 милиони евра.

Германскиот клуб го доведе македонскиот фудбалер од Наполи во јануари 2024 година за сума од 24 милиони евра, но неговата авантура во Бундеслигата не се одвиваше според очекувањата затоа што не ја доби вистинската шанса. Потоа следуваа две позајмици во Италија, најпрво во Торино, а потоа повторно во Наполи.

Јувентус бара универзален играч од средниот ред, кој може да покрие повеќе позиции, вклучувајќи ја и крилната, а токму таквиот профил го поседува Елмас. Доколку трансферот се реализира, македонскиот репрезентативец повторно би соработувал со Лучијано Спалети. Двајцата веќе имаа успешна соработка во Наполи, каде што во сезоната 2022/23 ја освоија шампионската титула во Серија А.

Во трката за потписот на Елмас се споменува и Астон Вила, која исто така ја следи неговата ситуација, но англискиот клуб во моментов има други приоритети на трансфер-пазарот.