ВИДЕО: Јувентус го „преслуша“ Удинезе за четвртфинале во Копа Италија

Фудбалерите на Јувентус се пласираа во четвртфиналето од Купот на Италија, откако на свој терен го совладаа Удинезе со 2-0. Ова е нивна втора победа над истиот противник во кус временски период, бидејќи на 29 октомври „старата дама“ го доби и првенствениот дуел со 3-1.

  • Извештај од натпреварот:

Тимот на тренерот Спалети и овојпат контролираше од самиот почеток, а водството пристигна рано, во 23. минута. Џонатан Дејвид реагираше најдобро по мешаницата во шеснаесетникот и од непосредна близина ја затресе мрежата за 1-0. Канадскиот напаѓач го искористи просторот што се создаде поради повредата на Душан Влаховиќ и со новиот погодок уште еднаш потврди дека ќе има значајна улога во нападот на Јувентус во периодот што следува.

Јувентус ја одржуваше контролата и по позитивниот резултат, додека Удинезе тешко создаваше шанси пред голот на Перин. Дилемите околу победникот беа решени во 68. минута, кога домаќините добија пенал по еден дуел во противничкиот шеснаесетник. Мануел Локатели презеде одговорност и сигурно реализираше за конечни 2-0.

Со оваа победа која можеше да биде поубедлива да не беше ВАР-технологијата која поништи два погодока, Јувентус ја продолжува својата амбициозна кампања во Купот на Италија и со подигната самодоверба чекори кон завршницата на сезоната, со јасна цел да се бори за трофејот.