• Саше Љолес

Италијанскиот спортски медиум „Кориере ди Торино“ пишува дека управата на Јувентус веќе стапила во контакт со нивниот поранешен играч Игор Тудор и голема е можноста токму тој да биде нов тренер на „бјанконерите“ во следната сезона.
Хрватот е легенда на Јувентус и настапуваше за овој тим девет сезони, во периодот помеѓу 1998 и 2007 година. 45-годишниот стратег во моментов е предводник на Олимпик Марсеј, а неговата успешна работа во Франција е само причина повеќе за управата на Јуве да му го понуди жешкото тренерско столче. Медиумот објавува дека заедно со Тудор би пристигнал и Кристијан Гвинтолио, кој би бил новиот спортски директор и двајцата би работеле на создавање нов, шампионски тим на „бјанконерите“. Управата на Јувентус знае дека тие двајца имаат големо искуство и нивните визии за фудбалот се поклопуваат, така што можно е да им даде шанса на Тудор и Гвинтолио догодина да бидат предводници на новиот Јуве.
Овие информации се косат со изјавите на актуелниот тренер Масимилијано Алегри кој неколку пати изјавуваше дека не сака да го напушти клубот, особено во тешки и турбулентни времиња. Јувентус повторно испадна од трката за Лигата на шампионите откако му беа одземени десет бода поради финасиски малверзации, а последниот пораз од Емполи само го потврди сето тоа.
Екипата и натаму е со големи шанси за настап во Лига Европа, а до крајот на сезоната во Италија остануваат уште само две кола. Останува да видиме на кое место ќе финишира Јуве и кој ќе биде нивен предводник на почетокот од следната кампања во Серија А.