Јувентус дефинитивно нема намера да му даде нова шанса на Пол Погба

Французинот Пол Погба нема да добие шанса за настап во екипата на Јувентус откако ќе му истече суспензијата поради користење допинг-средства. Оваа одлука е конечна, а управата на „бјанконерите“ спогодбено ќе го раскине неговиот договор кој беше со важност до 2026 година. 

Погба требаше да заработува по осум милиони евра годишно, но поради скандалот добиваше само минимална законска плата (2.900 евра месечно), а сега ќе има „отворени врати“ за потпис со друг клуб, најверојатно од американската МЛС лига или од Саудиска Арабија. 

За неговите услуги се заинтересирани Ал-Хилал и Чикаго Фајр, но се претпоставува дека фудбалерот повеќе би сакал да остане во Европа и да се обиде да одигра уште некоја сезона на највисоко ниво. 

Најголемиот дел од кариерата Погба го мина во Јувентус и Манчестер Јунајтед, а четиригодишната суспензија му беше изречена минатата година, но подоцна истата беше намалена на период од само 18 месеци.