ВИДЕО: Јуве шокиран во Рим, Каиседо во 95. минута донесе реми за Лацио

Иако беше на прагот да ги остави зад себе лошите резултати и реми исходите во Серија А, шампионот Јувентус по победата над Специја им се врати на неуспесите во домашниот шампионат и попладнево во 95. минута остана без победа на дербито со Лацио, играјќи само 1-1.

  • Извештај од натпреварот: 

Кристијано Роналдо по проблемите со коронавирусот за првпат се најде во стартниот тим на Јуве во Серија А (во претходното коло ги одигра последните 35 минути и даде два гола) и повторно покажа дека вирусот не оставил трага кај него. 

По една одлична тимска акција Квадрадо од десна страна испрати прецизен центаршут до Роналдо, а првата ѕвезда на „старата дама“ не знае да погреши од таква позиција и донесе заслужено водство на Јуве уште во 15. минута. До крајот на првиот дел Роналдо пропушти уште две големи шанси за нов погодок, додека на спротивната страна неуспешен обид за израмнување имаа Муричи и Сергеј Милинковиќ-Савиќ.

Со оглед на негативата по првите 45 минута, во вториот Лацио на терен делуваше како тим кој сака брзо да израмни и да се врати во игра, но „небесно-сините“ момци на Инзаги немаа решение за одлично поставената одбрана на Јуве. Лацио ја имаше топката во своите нозе и константно притискаше, а резултат не донесе ниту тројната замена во 54. минута. Но, кога се очекуваше крај на натпреварот, односно длабоко во судиското надополнување Каиседо на асистенција на Кореа го матира Шчесни и го шокираше шампионот (1-1).

Дополнителен проблем за Јувентус и Андреа Пирло е повредата на Роналдо, кој во 75. минута беше принудно заменет и на негово место во игра влезе Дибала. Со ова реми Јуве остана на третата позиција на табелата во Серија А со 13 бода, три помалку од Милан, кој денес ќе се судри со Верона.