ВИДЕО: Јуве се разбуди по одморот и го порази дефанзивниот Кротоне

Шампионот Јувентус се врати на третата позиција во Серија А, откако во претпоследниот натпревар од 14. коло пред своите гледачи рутински го совлада Кротоне со 3-0 (0-0) и го заборави незгодниот пораз од Сампдорија пред седум дена. 

Алегри целосно го промени тимот од дуелот со Барселона и шанса им даде на Ховедес, Маркизио и Манџукиќ. Од првата минута домаќинот го принуди противникот да се повлече во својот казнен простор, но тешко креираше зрели шанси пред гостинскиот гол. Маркизио во 24. минута се обиде од дистанца, а пред одморот Манџукиќ биеше со глава, но тоа беше премалку за „старата дама“ да обезбеди предност. 

Вториот дел не можеше да започне подобро за домаќините, откако по центаршутот на Барзаљи, во 52. минута највисоко скокна Марио Манџукиќ и ја смести топката во небранетата мрежа (1-0). Не минаа ниту десетина минута, а Матиа де Шиљо со „бомба“ од дистанца после корнер на Диего Коста го постигна својот првенец во новиот дрес и најави дека бункерот на Кротоне е пробиен (2-0). 

Во 72. минута по третпат се тресеше мрежата на гостите, откако резервистот Пјаниќ проби по десната страна, а откако гостинскиот голман ја одби топката, Бенатиа само ја втурна топката во мрежата на Кротоне (3-0). До крајот и покрај неколку мешаници, резултатот не се менуваше и торинската публика задоволна си замина по уште една победа на првакот.  

Во следното коло в петок на „Сан Паоло“, Јувентус гостува кај лидерот Наполи во дербито на есента во Серија А.