ВИДЕО: Јуве по потешкиот пат и со пресврт донесе победа од Севиља за прво место во групата

Во натпревар од 5. коло на Лигата на шампионите, фудбалерите на Севиља на својот „Санчез Пинхуан“ го пречекаа тимот на Јувентус и на крајот загубија со 1-3 (1-1). По денешната победа Јувентус се пласира во следната рунда, а Севиља во последното коло во Франција против директниот конкурент Лион ќе брка место во следната рунда.

Домаќините подобро започнаа и по прекрасниот волеј удар на Нико Пареха во 9. минута поведоа со 1-0. За Пареха денешниот погодок беше негов првенец оваа сезона и прв гол по месец јануари, или точно по 37 натпревари.

Десет минути пред крајот на првиот дел, фудбалерот на Севиља, Франко Васкез го доби и вториот жолт картон и донесе бројчана предност за гостите. Фудбалерите на „старата дама“ таа предност ја искористија на самиот крај на првото полувреме, откако Клаудио Маркизио со удар од белата точка донесе 1-1. Пеналот го изнуди Бонучи, кој беше повлечен од Пареха без топка и Клатенбург покажа на белата точка. 

Во продолжение избраниците на Алегри имаа иницијатива и посед на топка, но не успеваа да направат некоја посериозна шанса за гол. Во 61. минута Пјаниќ имаше извонредна шанса, но голманот Рико прекрасно го одбрани неговиот удар. Веќе во следната 62. минута фудбалерите на Севиља останаа и без тренерот Сампаоли, кој беше исклучен од Клатенбург. 

До крајот фудбалерите од Торино продолжија со нападите, а тоа вроди со плод во 86. минута, откако Бонучи со удар од 20-тина метри со левата нога погоди за 1-2. Конечните 1-3 беа дело на Манџукиќ во судиското надополнување.