Јуни донесе скок: Македонија напредува на најновата ФИФА-листа!

Фудбалската репрезентација на Македонија со победа и реми го одбележа јунскиот прозорец, а тоа ќе ни донесе скок на најновата ФИФА-листа.

Нашиот национален тим одигра домашно реми со Белгија (1-1) и победи на гости кај Казахстан (1-0). Резултатите донесоа напредок за четири места на рангирањето во светскиот фудбал, па Македонија сега се наоѓа на 63-тата позиција.

Помеѓу петте најдобри селекции нема промени, тоа се Аргентина, Шпанија, Франција, Англија и Бразил. Шеста е Португалија која ја прескокна Холандија, осма е Белгија, а деветтото место ѝ припаѓа на Хрватска која скокна за две места.

Десетторангирана е Италија. Од нашата група, покрај што Белгија е осма во светот, Велс се наоѓа на 30-тото место и падна за една позиција, Казахстан е на 114. позиција, додека Лихтенштајн е меѓу најслабите во светот, на 204. место од 210. нации во ФИФА.