Јунакот од Палермо се враќа во Хрватска и потпишува за Хајдук?

Неколку италијански медиуми ја пренесоа веста дека Александар Трајковски е многу близу до трансфер во редовите на хрватскиот гигант, Хајдук Сплит. 

Македонскиот фудбалер остана без клуб откако му заврши договорот со Ал-Фејха од Саудиска Арабија, но изгледа дека конечно ја пронајде новата средина и по цели дванаесет години се враќа во Хрватска, каде порано настапуваше за тимот на Интер Запрешиќ. 

„Тутомеркато“ и “Калчомеркато“ јавуваат дека офанзивецот имал понуди од Динамо и Хајдук, но го одбрал сплитскиот клуб и наскоро ќе се пристигне на задолжителните лекарски прегледи. Сплиќани добиваат одлично засилување за напаѓачката линија, затоа што популарниот Аце има огромно искуство и може да биде од голема корист за амбициозниот тим. 

Скопјанецот во хрватските медиуми го најавуваат како „човекот кој ја расплака Италија“ и го претставуваат како трансфер-бомба на Хајдук. Се работи за вториот најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација и творец на многу епски голови за „рисовите“. 

Александар Трајковски кариерата ја започна во Цементарница 55, а потоа настапуваше за Интер Запрешиќ, Зулте Варегем, Палермо, Мајорка, Алборг и Ал-Фејха. За македонскиот национален тим има 77 настапи и 20 постигнати голови.