ВИДЕО: Јунајтед преку Партизан до нокаут фазата, шок за Рома во Менхенгладбах

Јунајтед Партизан

Манчестер Јунајтед одигра нов одличен натпревар на домашен терен во Лига Европа и го совлада Партизан (3-0), за одново да го запоседне првото место во групата Л по четири одиграни кола.

„Црвените ѓаволи“ одново не примија погодок и останаа единствената екипа која не капитулирала по четири одиграни натпревари. Победникот беше познат уште по првиот половина час, кога беа постигнати два гола во гостинската мрежа. 

Најпрво, младиот Гринвуд ја измами противничката одбрана и го отвори резултатот, за Марсиал да се надоврзе десетина минути подоцна со индивидуална акција и реализација.

Комбинацијата меѓу Ешли Јанг и Маркус Рашфорд стави точка на перфектната вечер на премиерлигашот на „Олд Трафорд“.

Очајот на Бешикташ на европските натпревари продолжи на денешното гостување кај Брага (3-1). Турскиот гигант го запиша четвртиот пораз од исто толку натпевари и ги загуби сите шанси за нокаут фаза. 

Вулверхемптон на Нуно Еспирито Санто го задржа второто место со денешниот успешен настап на домашен терен против директниот ривал за следната фаза, Слован Братислава (1-0). Хименез во 92. минута беше стрелец на единствениот погодок на мечот.

Најинтересно ќе биде во групата Ј, каде сите четири екипи имаат шанси за европска пролет. Борусија Менхенгладбах ја надигра Рома (2-1) и дополнително ги искомпликува работите.

Фацио си постигна автогол и беше на прагот да биде трагичар за римјаните на ова гостување во Германија. На крај, Аргентинецот реализира на спротивната страна во вториот дел и погоди за израмнување за „римската волчица“. Сепак, Маркус Турам, синот на француската легенда Лилиан, длабоко во надополнувањето стрелаше за конечни 2-1.

Овој резултат најмногу го искористи Истанбул Башакшекир кој стигна до три бода кај Волфсбергер (0-3) и се искачи на врвот пред конкурентите.