Јунајтед на потег: Погба и Де Хеа заедно бараат по ЕДЕН милион евра неделно! 

Екипата на Манчестер Јунајтед по очајниот старт на сезоната и отказот на Жозе Мурињо, конечно донесе насмевки кај своите фанови, откако во последните три месеци под водство на Оле Гунер Солскјер игра фантастично и се врати во трката за Лигата на шампионите. 

Сепак, како се ближи крајот на сезоната, така притисокот од своите први ѕвезди е сè поголем, кои наводно бараат нови договори од тимот, но можеби претераа со своите плати. Давид Де Хеа и Пол Погба се фудбалерите кои започнале преговори со директорите на Јунајтед за продолжување на соработката, но како што објавува „Сан“ двајцата заедно бараат скоро еден милион евра неделно. 

Всушност, Де Хеа посакува неделна заработка од 400.000 евра, додека најскапиот „ѓавол“ сака да сруши нов рекорд и неделно да инкарсира по 580.000 евра. Тоа значи дека на годишно ниво Погба ќе добива по 30 милиони евра, а во денешниот фудбал само четворица можат да се пофалат со таква, па и поголема заработка – Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Нејмар и Езекиeл Лавеци. 

Засега, нема ниту демант, ниту потврда од страна на Јунајтед за овие барања на своите ѕвезди, но свесни се дека доколку и во иднина ги сакаат во своите редови ќе мораат дебело да го одврзат ќесето.