Јунајтед ја пронајде замената за Тен Хаг во младиот стратег на Болоња?

Ерик Тен Хаг најверојатно ја одработува последната сезона како тренер на Манчестер Јунајтед и сѐ поизвесно е неговото заминување, а англиските медиуми деновиве почнаа да шпекулираат со ново име кое би можело да биде негов заменик. 

Се работи за Бразилецот со италијански пасош, Тиаго Мота, кој во моментов со голем успех ја предводи Болоња во Серија А и се бори за пласман во Лигата на шампионите. Управата на Јунајтед веќе стапила во контакт со младиот стратег и наскоро се очекуваат повеќе информации околу евентуален ангажман. 

Новиот ко-сопственик на клубот, Џим Ратклиф, најави дека доаѓаат големи промени во тимот, па за очекување е дека „ѓаволите“ ќе добијат нов тренер и неколку освежувања за тимот. Дали на клупата ќе седне токму Тиаго Мота, останува да видиме.