ВИДЕО: Јунајтед и Тотенхем ќе ја спасуваат сезоната во битката за трофејот во Лига Европа!

Манчестер Јунајтед по пауза од осум години одново ќе игра трофејот во Лига Европa. „Црвените ѓаволи“ повторно го совладаа Атлетик Билбао и со вкупни 7-1 ќе патуваат во финалето, кое се игра на „Сан Мамеш“ во Билбао. По триумфот на гости во Шпанија од 0-3, вечерва момците на Рубен Аморим си поиграа со нервите на своите фанови и по пресврт го совладаа баскијскиот тим со 4-1 (0-1).

  • Манчестер Јунајтед - Атлетик Билбао 4-1:

Така, Јунајтед кој има сезона за заборав во Премиер лигата, е на чекор до нов трофеј, но и до пласман во Лигата на шампионите. Ако му успее тоа, сигурно навивачите ќе му простат за сите очајни настапи сезонава и катастрофалната сезона во англиската елита. Во Билбао, Јунајтед ќе се сретне со добар познаник, поточно со премиерлигашкиот ривал Тотенхем, кој го елиминира Бодо/Глимт.

На „Олд Трафорд“ гостите први зададоа удар и внесоа многу грижи кај „ѓаволите“. Стрелец за 0-1 беше Микел Албонига по половина час игра. Со овој резултат се замина на одмор, иако во самиот финиш од полувремето Гарначо имаше чиста позиција да израмни, но неговиот лоб заврши покрај голот.

Сепак, во вториот дел работите си дојдоа на свое. Атлетик Билбао, кој вечерва настапи видно ослабен, без браќата Вилијамс, Сансет и Унаи Симон, како да немаше сили повеќе да се надигрува со домаќинот и Јунајтед на најдобар можен начин го искористи тоа. На 1-1 израмни Маунт со велемајсторски погодок, а потоа Касемиро со глава донесе предност за англискиот тим. Данскиот напаѓач Хојлуд зголеми на 3-1 во 85. минута, а точка на победата стави Маунт со погодок од преку четириесет метри.

  • Бодо/Глимт - Тотенхем 0-2:

Противник на Манчестер Јунајтед во финалето ќе биде Тотенхем, тим кој исто така има очајна сезона во Премиер лигата, па пресметките за лондончани се идентични како и оние на клубот од „Олд Трафорд“. „Петлите“ во полуфиналето го елиминираа Бодо/Глимт со вкупни 5-1. Во Лондон беше 3-1, додека вечерва во Норвешка момците на Анѓе Постекоглу славеа со 2-0, со головите на Доминик Соланке и Педро Поро.

Големото финале на „Сан Мамеш“ се игра на 21 мај.

Најнови вести од
УЕФА Лига Европа