Јунајтед го продава Касемиро, а Антони му го нуди на Мурињо

Манчестер Јунајтед во следните неколку дена би можел да остане без уште еден играч од средниот ред по заминувањето на Скот Мектоминеј во Наполи.

Како што пренесува „ЕСПН“, тоа е Бразилецот Касемиро, кој не се прослави минатата сезона на „Олд Трафорд“. Тој беше виновникот за двата гола во првото полувреме на дербито со Ливерпул (0-3), па навивачите, но и стручниот штаб, се чини, имаат сè помалку трпение и толеранција за неговите грешки.

Според медиумите на Островот, Галатасарај е заинтересиран за бразилскиот ас. Факт е дека преодниот рок во Турција завршува на 13 септември, па има уште време за промена. Јунајтед летото беше отворен за продажба на искусниот играч за врска, но не успеа да ја добие очекуваната понуда од Саудиска Арабија. Доколку во следните неколку дена пристигне од Истанбул, големи се шансите управата на клубот да ја прифати.

Исто така, островските медиуми пренесуваат дека Јунајтед би можел да го испрати на позајмица крилниот напаѓач Антони пред крајот на преодниот рок во Турција. Бразилецот падна во втор план, а интерес за него покажа Фенербахче, на чие кормило е Жозе Мурињо.