Јунајтед го продаде Ван де Бек за 500.000 евра, но може да заработи и до 15 милиони

Еден Холанѓанец пристигнува во Манчестер Јунајтед, друг официјално си замина. Првото засилување на „Олд Трафорд“ во овој преоден рок треба да биде Џошуа Зиркзе, а клубот и официјално го напушти Дони ван де Бек.

Холанѓанецот кариерата ја продолжува во Џирона, со која потпиша договор до први јули 2028 година. Џирона ќе плати 500.000 евра плус бонуси, кои би можеле да достигнат и до четири или пет милиони евра. Исто така, има дополнителни клаузули кои тешко дека ќе се постигнат, а кои би донеле дополнителни 10-15 милиони евра. 

Откако пристигна во академијата на Ајакс, Ван де Бек важеше за еден од најталентираните играчи на неговата генерација. За првиот тим на „копјаниците“ дебитираше во 2015 година.

По сензационалното финале во Лигата на шампионите со Ајакс, во септември 2020 година се пресели во Манчестер Јунајтед, клуб за кој одигра 62 натпревари. Ван де Бек минатата сезона беше на позајмица во Ајнтрахт Франкфурт.