Јунајтед го има најлошиот старт во последните 31 година, но Оле не е загрижен

Екипата на Манчестер Јунајтед не престанува да ги разочарува своите фанови, откако синоќа запиша нов кикс во Премиер лигата. 

Со голем бод од „Олд Трафорд“ си замина новајлијата Астон Вила (2-2), а по ова реми „ѓаволите“ го имаа најлошиот старт на една сезона во елитата по пауза од 31 година. По 14 одиграни кола во Премиер лигата, Јунајтед освои само 18 бода, идентично како и во сезоната 1988/99, кога шампионатот го завршија на очајното 11-то место. Но, ниту лошите резултати, ниту пак деветотто место на табелата не го загрижуваат менаџерот Оле Гунер Солскјер. 

„Да бидам искрен не ме загрижува местото на табелата. Разликата меѓу нас и тие од погорниот дел од табелата не е многу голема. Да постигневме уште еден гол денес, ќе бевме на петтата позиција. Она што ме загрижува е играта, односно фактот што не можеме да сочуваме водство. Ние сме млада екипа, но не сакам да го користам тоа бидејќи ние сме Манчестер Јунајтед и сакаме заедничка работа“, рече Оле по неуспехот против Астон Вила.

„Ѓаволите“ веќе в среда ќе имаат шанса да им се вратат на победничките патеки и тоа на дуел против Тотехем, на поранешниот нивни менаџер Жозе Мурињо.