Југославија, Реал, банкрот, депресија... патот од мега-ѕвезда, до курир

Патот на спортските ѕвезди некогаш не се движи по посакуваната насока. По голем подем, следи огромен пад и тешка борба за живот, тоа на своја кожа го почувствува Предраг Спасиќ (57), југословенскиот фудбалер кој имаше се, но сега живее скромен живот.

Фудбалската кариера на Спасиќ беше врв. Играше за Реал Мадрид, беше дел од Југославија на СП 1990 каде се испадна од Аргентина, но животот му тргна наопаку откако ги вложи парите во проект кој му пропадна. Поради целото ембарго и војната која на почетокот на 90-тите започна во Југославија, фирмата во која Спасиќ ги вложил сите пари кои ги заработил доживеала колапс. Доживеал големо разочарување, паднал во депресија, со која десет години се борел со голема помош од семејството. На крајот, успеал да се стабилизира и сега води скромен живот.

Во моментов, Спасиќ работи во еден магацин за облека, во кој работи како курир. Разнесува пратки ширум земјата, за месечни примања од 400 евра. Живее нормален живот без многу пари, но има совет до сите помлади играчи - „Размислувајте добро што по крајот на кариерите и внимавајте со парите“. Спасиќ низ кариерата играше со тројца Македонци, тоа се Вујадин Станојковиќ во Партизан, како и Дарко Панчев и Илија Најдоски во репрезентацијата.

А, кој е Предраг Спасиќ? Роден е во 1965 година, со фудбал започна да се бави на почетокот на осумдесеттите во родниот Крагујевац. Започна во Раднички, за кого играше од 1983 до 1988 година, а од 1988 до 1990 година беше дел од Партизан. Авантурата во Реал Мадрид беше од 1990 до 1991 година, кариерата меѓу „кралевите“ му ја уништи автоголот против Барселона. Тогаш, навивачите го прогласија за едно од најлошите засилувања во историјата на Реал Мадрид, а тоа влијаело многу на неговата психа.

Спасиќ го напушти Реал Мадрид во 1991 година, потпиша за Осасуна, а до крајот на кариерата која ја заврши во 1997 година играше уште и за Атлетико Марбеља, Раднички од Белград и матичниот Раднички од Крагујевац.

За репрезентацијата на Југославија, Спасиќ забележа 31 настап во периодот од 1988 до 1991 и даде еден гол.