Југослав Тренчовски вторпат тренер на колото во Словенија

Македонскиот фудбалски тренер Југослав Тренчовски, кој сезонава го води словенечкиот прволигаш Радомље, по вторпат е избран за тренер на колото во словенечкиот шампионат.

Изборот доаѓа откако неговиот прв тим забележа победа во гости кај Браво со 0-4, што е изненадување кај фудбалската јавност во Словенија.

„Ние сме млад тим со најмал буџет од сите прволигаши во Словенија. Секој меч го почнуваме со двајца или тројца млади и добар дел од нашите играчи се дел од фудбалските репрезентации на Словенија до 17, 19 и 21 година. Целта на клубот е да гради свои фудбалери и да им даде прстор на младите“, рече Тренчовски.

Радомље во моментов е на петата позиција со вкупно 22 бода по шеснаесет кола.