Југослав Тренчовски со историска полусезона во словенечката елита

Фудбалерите на Радомље на најдобар можен начин ја заокружија 2025 година, со триумф против Мура на домашен терен. Ова беше уште една потврда за најуспешната есен во историјата на клубот предводен од македонскиот тренер Југослав Тренчовски – Радомље никогаш досега не собрале толку бодови во првиот дел од сезоната.

Југослав Тренчовски видно задоволен ја оцени есента како успешна, но нагласи дека тимот мора да продолжи да расте.

„Првиот дел од сезоната со Радомље мора да го оцениме како успешен. Сè уште сме во Купот, нè чека мал одмор, освежување и добри подготовки. Се надеваме дека во вториот дел ќе освоиме уште повеќе бодови. Целта е јасна – да собереме што е можно повеќе и да се качиме повисоко. Ако завршиме меѓу првите пет, тоа ќе биде фантастичен успех. Ако не, ќе продолжиме да собираме бодови за опстанок.“, изјави Тренчовски.

Македонскиот тренер во Радомље по 18 одиграни кола има скор од седум победи, четири ремија и седум порази. Вкупно, клубот има 25 бода, се наоѓа на седмото место од вкупно десет екипи, но разликата со второпласираниот на табелата е само шест бода.