• Мартин Танасковски
Македонскиот стратег Југослав Тренчовски се наоѓа на списокот на потенцијални кандидати за нов тренер на Олимпија Љубљана, но во моментов не важи за главен фаворит за преземање на словенечкиот шампион.
По заминувањето на Виктор Санчез, раководството на Олимпија веќе започнало со потрагата по негов наследник, а првичните разговори со потенцијални кандидати биле реализирани уште пред официјалната објава за тренерската промена.
Според словенечките медиуми, Тренчовски е едно од имињата што се разгледуваат во клубот. Актуелниот тренер на Радомље претходно потврдил за словенечките медиуми дека не биле остварени официјални контакти со Олимпија, иако неговото име се поврзува со клупата на тимот од Љубљана.
Сепак, според последните информации, управата на Олимпија, предводена од сопственикот Адам Делиус и спортскиот директор Неџат Ајгун, повеќе се насочува кон ангажман на тренер кој досега немал искуство во словенечката Прва лига.
Во моментов е извесно дека новиот предводник на „змејовите“ најверојатно ќе биде странец, но и покрај тоа што Тренчовски останува во потесниот круг на кандидати, тој не е првата опција на раководството.
Тренчовски зад себе има успешна работа во словенечкиот фудбал со Радомље, каде што остави позитивен впечаток со резултатите и развојот на тимот, што му донесе внимание и од поголемите клубови во регионот.
