• Мартин Танасковски
Македонскиот фудбалски првак Струга Трим Љум испадна од Лигата на шампионите и продолжи во Конференциската лига, а во реваншот од втората рунда тимот ќе брани еден гол позитива на гостувањето кај Пјуник во Ерменија (18:00).
Струга пред својата публика успеа да го одбрани домашниот терен. Со ефектниот гол на Стефан Спировски во 73. минута запиша победа (2-1) и со предност патува во Ерменија. Сега Пјуник е под притисок и мора да оди на гол повеќе за најмалку да ја анулира негативата.
Двете екипи прво играа во квалификациите за Лигата на шампионите, каде Струга испадна од најтешкиот ривал Слован Братислава, а Пјуник беше елиминиран од Динамо Минск. Во првиот натпревар се играше отворено, се до црвениот картон кој ерменскиот првак го доби во 60-тата минута од мечот.
Струга има проблеми со повредени играчи, па затоа тренерот Ќатип Османи има дилема како ќе изгледа составот. На прес-конференцијата пред мечот, Османи не сакаше да шпекулира кој ќе тргне од првата минута, а кој ќе остане на клупата.
За тренерот на Струга, натпреварот во Ерменија ќе биде јубилеен во еврокуповите. Ќатип Османи по триесетти пат ќе води екипа во едно од натпреварувањата на УЕФА каде претходно беше со Ренова и Шкендија. Зад своето име, тој има осум победи, четири ремија и 17 порази во вкупно 29 средби.
Победникот од овој двомеч во следната рунда на Конференциската лига ќе игра со подобриот од средбата меѓу Диферданж од Луксембург и Ордабаси од Казахстан.