Јоветиќ: Олимпијакос е славен клуб, чест ми е што ќе играм во Атина

Црногорскиот фудбалер, Стеван Јоветиќ, пристигна во Атина и официјално ќе биде нов играч на Олимпијакос. Тој изрази големо задоволство од новиот ангажман и рече дека управата на клубот била навистина конкретна во преговорите. 

Јоветиќ беше без клуб откако го раскина договорот со Херта Берлин, но сега добива нов предизвик и ќе настапува за грчкиот гигант. Капитенот на Црна Гора рече дека се радува што ќе има можност да игра во голем клуб и едвај чека да ги запознае своите соиграчи. 

„Навистина сум среќен што сум овде. Олимпијакос е голем клуб, со долга историја и многу трофеи во своите витрини. Преговорите траеја околу две недели, но морам да признаам дека сите во клубот се потрудија за да ме доведат тука.

Горд сум што имам прилика да играм за уште еден славен клуб и се надевам дека ќе придонесам за добри резултати на тимот“, изјави црногорскиот офанзивен фудбалер. 

33-годишниот Стеван Јоветиќ важи за еден од најдобрите црногорски фудбалери во историјата. Неговата интернационална кариера е навистина богата и настапуваше за Партизан, Фиорентина, Манчестер Сити, Интер, Севиља, Монако и Херта Берлин. За црногорската репрезентација забележа 68 настапи и постигна 31 погодок.