Јовчевски: Секој бод ни е важен, сакаме да ја продолжиме позитивната серија

Претпоследниот натпревар од 27. коло на ПМФЛ се игра во Гостивар, каде што со почеток во 13:00 часот ќе истрчаат фудбалерите на Арсими и Пелистер.

Првите две среќавања на овие два тима донесоа вкупно десет погодоци: во првиот случај Арсими славеше како гостин со 0-4, а во вториот се играше нерешено, 3-3, но и двата мече беа пред зимската пауза. Победничка желба има и голманот на Пелистер, Андреј Јовчевски, кој на последните натпревари одлично ја чуваше мрежата, што беше основа за добрите резултати со Шкендија и Вардар.

„Овој натпревар е важен и за нас, бидејќи и ние сакаме да ја продолжиме серијата на позитивни резултати. Нашата позиција на табелата укажува дека потребен ни е секој бод, па затоа мора да го дадеме максимумот и да ги извршиме задачите кои ни се зададени”, изјави младиот чувар на мрежата.

На последните мечеви, Пелистер славеше над Шкендија, а играше нерешено со Вардар, додека Арсими во последните четири кола исто така играше со двата водечки тима и загуби од Шкендија со 1-0, а го победи Вардар со идентичен резултат. Домашните имаат и победа над Македонија ЃП, поради што веќе најавија дека сакаат да ја задржат позитивната серија.