• Мартин Танасковски

Екипата на Вардар направи кикс. Како голем фаворит црвено-црните гостуваа кај Пелистер во Битола, ама не успеаја да го освојат целосниот плен, затоа што големото дерби во македонскиот фудбал заврши со најнепопуларниот фудбалски резултат - 0-0.
Пелистер игра за опстанок, Вардар за титула. И на двете страни бодовите им беа неопходни, а поделбата на пленот повеќе им одговара на „зелените“. Вардар ја задржа предноста во однос на Шкендија, но сега таа е само еден бод, затоа што тетовчани го победија Работнички во својот меч.
Што се однесува до натпреварот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, се играше пред две навивачки групи. Немаше многу фудбалска убавина, шансите за гол се броеја на прсти. Посебно во првиот дел, кога Вардар беше поактивен, но Јовчевски го сочува домашниот тим со чиста мрежа.
Во вториот дел, во 51. минута, најубавата шанса за гол ја имаа прво Велковски, потоа Кастањеда, по една грешка на Јовчевски кој испушти топка од раце, но голманот се поправи со две интервенции. Пет минути подоцна, Мирко Ивановски постигна гол за Пелистер по проигрување од Стефан Спировски од слободен удар, но беше оправдано поништен затоа што напаѓачот беше во недозволена позиција.
До финишот на мечот, тензијата на теренот се зголемуваше, имаше доста прекини, двајцата тренери направија и измени, но голови кои ќе дадеа победник на овој меч - не видовме. Најдобрата можност за гол ја видовме во 95. минута кога Матиќ шутираше во една мешаница, но голманот Јовчевски го спаси Пелистер од пораз.
Вардар е лидер на табелата во ПМФЛ со 62 бода, пред Шкендија со 61 бод. Пелистер, пак, се наоѓа на деветтото место кое води во бараж за опстанок со 26 бода, пред Работнички со 25 бода. Во следната рунда Вардар игра дома со Работнички, додека Пелистер гостува кај Арсими.





