Јонуз: Ќе доведеме неколку засилувања, некои од Македонија

Македонскиот стручњак Мирсад Јонуз веќе неколку дена работи во новиот клуб Влазнија, а вчера ја одржа и првата прес-конференција по пристугнувањето во Албанија. Јонуз најави дека Влазнија ќе се подготвува во Охрид и дека клубот ќе доведе неколку засилувања до крајот на преодниот рок. 

„Ова е првпат да работам во Албанија. Овие десет дена ќе бидат многу важни за нашиот клуб. Потоа ќе ја префрлиме подготвителната фаза во Охрид, каде ќе одиграме неколку пријателски натпревари. Ќе се обидеме да доведеме нови играчи, четири или пет новајлии ќе дојдат со сигурност. Знам на која позиција ни недостигаат фудбалери и во комуникација сум со спортскиот директор. Некои ќе бидат од Македонија, некои од други земји.

Ја следам албанската Суперлига, тука играат играчи од Македонија како ЦуЦули, Тодоровски, Асани.  Прва цел ми е да изградиме добар тим. Во мојата кариера најчесто играм во систем 4-3-3, па мислам дека овој систем ќе го имплементирам и во Влазнија“, рече македонскиот стручњак.

Во Скадар владее голем интерес за враќањето на Влазнија во Суперлигата, а и тренинзите на Јонуз се следат со внимание. Првична цел на клубот е стабилизација во елитната категорија која нималку не е едноставна за натпреварување.