Јирген Клоп го прекина молкот и откри дали преговара со Реал Мадрид!

Јирген Клоп, кој во моментов ја извршува функцијата глобален шеф на фудбалските операции во „Ред Бул“, јасно стави до знаење дека во блиска иднина не планира враќање на тренерската клупа, со што практично ги олади шпекулациите за негово преземање на Реал Мадрид.

Во разговор за германските медиуми, харизматичниот Германец првпат отворено се осврна на наводниот интерес на „кралскиот клуб“, но и на ситуацијата околу Чаби Алонсо, кој неодамна доби отказ на функцијата во системот на „Ред Бул“, каде што беше нешто повеќе од една година.

„Не сум нешто посебно воодушевен од приказните дека Реал Мадрид покажал интерес за мене. Тоа не е нивна практика, најчесто станува збор за медиумска помпа“, изјави Клоп.

Тој не крие дека заминувањето на Чаби Алонсо не го изненадило целосно, токму поради специфичниот начин на функционирање на мадридскиот гигант.

„Не ме чуди што Чаби си замина, тоа е Реал Мадрид. Таму беше отпуштен и Јуп Хајнкес, иако ја освои Лигата на шампионите. Не знам што точно зборува тоа за клубот“, додаде Германецот.

Клоп потоа се осврна и на сопствената животна и професионална позиција, нагласувајќи дека моментално се чувствува исполнето.

„Како личност, целосно сум задоволен од тоа каде се наоѓам во моментов. Нема место на кое би сакал да бидам повеќе од ова“, порача поранешниот менаџер на Ливерпул и Борусија Дортмунд.

Иако не ја затвори целосно вратата за можен камбек во тренерските води, Клоп беше искрен дека тоа засега не му е приоритет.

„Дали сакам повторно да бидам тренер? Во овој момент би рекол – не. Но, никогаш не треба да се каже никогаш. Не очекувам дека ќе го сменам мислењето, но не можам со сигурност да знам“, истакна тој.

Со ваквите изјави, станува јасно дека Јирген Клоп во моментов нема амбиција да седне на клупата на Реал Мадрид, ниту пак да се врати во секојдневниот тренерски ритам.