• Зоран Мишевски
По голема борба и многу пресврти на двете страни, Данска ја совлада Црна Гора со 27-23 во полуфиналето на петнаесеттото Европско првенство. Јеспер Јенсен, селекторот на тимот од северот на Европа, на прес-конференцијата со почит им се обрати на Бојана Поповиќ, Марина Рајчиќ и Итана Грбиќ.
„Морам да изразам длабока почит кон црногорскиот тим, кој досега одигра одличен турнир. Знам дека сега сте разочарани, но се надевам дека ќе се гордеете со сето она што го направивте“, изјави поранешниот репрезентативец на Данска и освојувач на три медали од големите натпреварувања како играч.
Јенсен се осврна на натпреварот и пеколните шеесет минути во Љубљана.
„Натпреварот беше „луд“. Тие водеа, па ние правевме пресврти. Неколку пати имав чувство дека можеме да ги „убиеме“, но тие постојано се враќаа. Тоа покажува каков дух имаат, со колкава страст играат“, заврши данскиот селектор.
Данска ги освои првите две Европски првенства во 1994 и 1996 година, потоа беше златна во 2002 година, а последното финале го играше во 2004 година.
„Не можам да опишам колку сме горди. Првпат сме во финале по осумнаесет години. Остваривме многу во последната деценија, бидејќи во Данска секогаш има големи очекувања од навивачите и медиумите. Долго оваа селекција ја следеше тоаа етикета да не можеме да влеземе во финалето, но сега успеавме. Девојките го заслужија ова финале“, изјави Јенсен.
Натпреварот за златен медал се игра в недела од 20:30 часот.

