ВИДЕО: Јашароски е херој, Скопје со гол во 92. минута го „скрши“ Тиквеш

Фудбалерите на Скопје успеаја да го „скршат“ Тиквеш и победија со 2-1 (1-0) во дуелот од 11. коло на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Во натпревар со две различни полувремиња и повеќе промени на темпото, херој на домашната екипа беше Ален Јашароски, кој во 92. минута даде гол за победа.

Натпреварот на стадионот „Железарница“ тргна изедначено, со мирна игра и без премногу ризик од стартот. Скопје успеа прв да зададе удар, бидејќи во 25. минута капитенот Ален Јашароски стрелаше со глава за 1-0 на домаќинот. 

Тиквеш ја презеде иницијативата, се обидуваше да се врати и најсериозната шанса ја имаше по прекин, ама мрежата на Ефремов остана недопрена. До полувремето кавадарчани не се заканија посериозно, а пред паузата очекуваа да добијат пенал поради игра со рака на Иво Јанакиевски. 

<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Јанакиевски играше со рака, Тиквеш оштетен за пенал?

Сепак, на стартот на вториот дел Тиквеш успеа да израмни. Спахиу повлече по десната страна, го проигра Ивановски, а овој ја префрли топката на втората статива. Таму добро се снајде Роберт Коцев и ја затресе мрежата на скопјани за 1-1 во 49. минута од натпреварот. Откако гостите израмнија, работите на теренот се променија и Скопје тргна далеку поофанзивно. Домашната екипа притискаше и правеше шанси, а одбранбениот бедем пред голот на Тиквеш ги издржа налетите. Таков беше случајот се до финишот, бидејќи одбраната капитулираше во 92. минута, кога по одлична контра, со глава реализираше Ален Јашароски за победа на својот тим.

На првиот пресек, по третина од сезоната, Скопје се наоѓа над опасната зона со 15 освоени бода, додека Тиквеш е единаестти со шест.