• Горан Упале
Во интервју за „Дневни спортски лист - Спорт“ Дарко Панчев ги анализираше настапите на сите екс-ју селекции во пресрет на клучната фаза од квалификациите за следното Светско првенство, а покрај тоа даде свое мислење за формирање на регионална фудбалска лига, по примерот на кошаркарската АБА лига
„Регионалната лига е стара парола која има тежина и вистинита е. Ако играчите се натпреваруваат со подобар шампионат, напредуваат и стануваат подобри. Многу повеќе би се учело, напредуваш многу побрзо и подобро. Добро е за сите, за клубовите, играчите, ама не зависи од мене. Јас сум поборник за сè тоа, а сега дали ќе се реализира треба да видиме.
Тоа јас го нарекувам АБА лига во фудбалот, бидејќи таа лига функционира во кошарката и е доста добро решение. Можеме да го пробаме тоа во фудбалот, бидејќи мислам дека таа лига би била многу подобра и за клубовите и за играчите“, рече еден од членовите на нашата прва фудбалска репрезентација.
Оваа тема е активирана уште пред повеќе години, со формирање на регионална лига се согласуваат голем број на фудбалски работници од регионот, но барем досега не е направен никаков чекор за остварување на тоа.
Покрај Динамо Загреб и Црвена Звезда кои во последните години се редовни учесници во лигашките фази на натпреварувањата на УЕФА, останатите клубови од поранешна Југославија никако не можат да фатат континуитет и да бидат некаков фактор во европскиот фудбал.