ВИДЕО: Јапонците го замолкнаа „Ајброкс“, лудото „Олд Фирм“ дерби без победник!

Екипата на Селтик го издржа притисокот на „Ајброкс“ и на јапонски погон се избори за важен бод против големиот ривал Глазгов Ренџерс. „Зелено-белите“ имаа водство, но потоа се разбуди домаќинот и со два брзи гола направи пресврт. Сепак, кога на трибините се пееше победничка песна, најдобриот стрелец во шкотскиот шампионат, Фурухаши погоди за реми на шампионот на теренот кај лутиот ривал (2-2).

  • Извештај од натпреварот: 

„Келтите“ помотивирано го отворија големото дерби и по само пет минути игра го замолкнаа преполниот „Ајброкс“. Јапонскиот напаѓач Меада, ја искористи грешката на домашната одбрана, и со сигурна реализација донесе водство за „зелено-белите“ од 0-1. „Полицајците“ брзо се созедоа од почетниот шок и се префрлија на половината на противникот, но нивната иницијатива не резултаираше со израмнување. Кент ја имаше најголемата шанса во првиот дел, но неговиот удар Харт го одбрани со крајни напори, додека закана испрати и Морелос во 42. минута.

На полувреме се замина со гостинска предност, но момците на новиот менаџер Мајкл Бил, фуриозно го отворија вториот дел. Кент во 47. минута со прекрасен погодок на втора статива погоди за 1-1, додека веќе во следниот напад Таверние од најстрога казна донесе делириум на трибините и водство за својот тим. 

Сепак, тоа не беше доволно за домашно славје, затоа што вториот Јапонец што го носи дресот на Селтик, Фурухаши во 88. минута се најде на вистинското место и ги постави конечните 2-2.