• Мартин Танасковски

Осасуна ја гонат „зли духови“, затоа што девет натпревари нема победа во шпанската фудбалска елита. Тимот одигра реми кај Лас Палмас (1-1), иако беше со играч повеќе и водеше до самиот финиш. Последниот клуб кој тимот од Памплона успеа да го совлада беше Ваљадолид на почетокот на месец ноември.
По првото полувреме без голови и многу жолти картони, првиот погодок за гостинот падна во 53. минута, кога реализира Аимар Ороз. Играчот по една мешаница во казнениот простор дојде до топката, ја смири и со шут по земја го совлада противничкиот голман.
Продолжението на мечот беше олеснето за Осасуна заради црвениот картон кој Лас Палмас го заработи во 72. минута, кога исклучен беше Есуго, меѓутоа гостинот пак не победи. Сето тоа заради нововлезениот Аднан Јанузај, своевремено голем талент на Манчестер Јунајтед. Играчот од средниот ред се најде на теренот во финишот, а во 98. минута погоди од слободен удар.
За Јанузај ова беше втор гол за Лас Палмас, откако претходно постигна еден против Хетафе и тоа една минута откако влезе на теренот. Играчот се мачеше со повреди во изминатиот период, па ова може да биде голем мотив за него за понатаму. Мечот го одбележа и лошото судење на судијата Жил Манцано, кој не досуди два пенали за домашната екипа, а имаше и лоша оценка за делењето на картоните.