Јани Атанасов ќе добие нов тренер, Хајдук му врачи отказ на Густафсон

Управата на Хајдук Сплит се раздели со тренерот Јенс Густафсон по поразот од Славен Белупо овој викенд. Популарните „били“ на четири меча во низа беа без триумф, па предводникот го плати цехот со отказ. 

Така, македонскиот интернационалец Јани Атанасов ќе добие нов тренер во Сплит. Самиот Густафсон по отказот лесно ја прифати одлуката, се заблагодари на тимот и посака среќа во иднина. 

„Пред сè сакам да му се заблагодарам на претседателот и на спортскиот директор на довербата. Благодарен сум на времето во Хајдук и сè што доживеав. Особено им се заблагодарувам на фановите кои секогаш биле тука за тимот. Му посакувам сè најдобри на Хајдук во иднина, ова е голем клуб и сигурен сум дека ќе биде подобар“, смета Густафсон. 

Швеѓанецот го презеде клубот во мај, го водеше на 17 натпревари и запиша девет победи, пет порази и три реми исходи. 

Хрватските медиуми веќе шпекулираат за неговата замена. Како прво име се споменува Валдас Дамбраускас кој ја водеше Горица во минатото, како и искусниот хрватски стручњак Самир Топлак.