Јаневски си поднесе оставка, Бабунски ќе го води Вардар

Македонскиот фудбалски првак Вардар ќе направи тренерска смена откако тренерот Чедомир Јаневски реши да си поднесе оставка, по ремито со Шкупи (1-1) во домашниот шампионат.

Најтрофејниот македонски клуб оваа сезона не игра според планот и остана без посакувани титули во првенството и во Купот на Македонија. Ремито со чаирчани и тоа извлечено во 94. минута беше капката што ја прели чашата, па стратегот на Вардар реши да си замине. Засега, се чека уште официјализација на раскинот.

Јаневски пристигна во Вардар пред двомечот со Фенербахче во Лигата на Европа и успеа да го внесе македонскиот тим во групната фаза, каде во конкуренција на Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг освои еден бод.

На клупата на Вардар ќе седне Бобан Бабунски, кој беше дел од тимот во младинските категории. Некогашниот селектор на У21-репрезентацијата утрово го одработел тренингот со тимот, непосредно пред натпреварот против Шкендија во Првата лига.