Јаневски чека промоција во ЦСКА, ќе биде најплатениот тренер во Бугарија

Македонскиот стратег Чедомир Јаневски е пред финализација на договорот со бугарска ЦСКА Софија, затоа што веќе пронашол заеднички јазик со сопственикот на тимот Гришо Ганчев и соработката наскоро ќе биде официјализирана.

Јаневски ги поставил своите услови, а според медиумите од Бугарија, ќе добива плата од 50.000 евра месечно, што ќе го направи најплатен тренер во земјата. Според тој договор, Македонецот ќе заработува повеќе дури и од славниот италијански тренер Делио Роси кој го води Левски.

Екс-тренерот на Вардар ќе има одврзани раце во Бугарија и ќе може да носи свој тим. Медиумите од земјата велат дека тој ќе прави „чистка“и ќе гради нова ЦСКА Софија. Јаневски побарал комплетна контрола врз тимот, а исто така барање е да си донесе и свој стручен штаб во Бугарија.

ЦСКА е на второто место на табелата и веќе обезбеди квалификации за Лига Европа. Шансите за титула се загубени, а првак е Лудогорец.