• Мартин Танасковски

Екипата на Работнички во новата сезона ќе настапува во Втората лига на Македонија. По долги години дебармаалци ја напуштија елитата заедно со Шкупи и Македонија ЃП кои испаднаа директно, а во иднина тимот ќе биде воден од Баже Јанакиевски.
Човекот кој претходно осум години беше дел од екипата од Дебар Маало како асистент, сега се враќа во својот дом во улога на прв тренер, момент за кој вели дека е навистина емотивен. Во моментов Работнички работи на формирање на конкурентна екипа, затоа што ВМФЛ е сериозна и ќе бара доста напор за да се остварат целите.
„Чест и привилегија е да се биде пак во тимот на Работнички, кој е клуб со голема традиција и трофеи во македонскиот фудбал. Лично емотивно сум врзан со Работнички, клубот ми е слаба точка, тука претходно минав осум години и убаво е што пак сум назад во средина која ја чувствувам како мој дом. Сите знаеме што значи името на Работнички и што овој клуб дал за Македонија како земја низ својата историја. Во моментов ситуацијата е тешка, на реномето на Работнички не му доликува Втора лига, па затоа сите ќе работиме заедно да го вратиме клубот на старите патеки. Во моментов формираме тим, носиме нови играчи и ќе работиме напорно да формираме една квалитетна екипа, спремна да игра за горните позиции на табелата во второлигашкиот шампионат и враќање меѓу најдобрите. Оваа година Втората лига е доста конкурентна и тешка, така што ќе мора да дадеме 100% од нашите можности и да се вложиме за да го вратиме Работнички на своето место. Благодарност до раководството за довербата, ќе се потрудам максимално да ја оправдам“, изјави Јанакиевски.
Работнички тренинзите ги одвива на теренот на Алумина во Карпош, а во следните денови се очекува да бидат потврдени новите засилувања кои доаѓаат под клупското раководство и стручен штаб.
