„Јамал немаше да добие место во дрим-тимот на Барса од 2012 година“

Поранешниот фудбалер на Барселона, Кристијан Тељо, предизвика бројни реакции со својата проценка дека Ламин Јамал немаше да се избори за место во почетниот состав на каталонскиот гигант од 2012 година.

Тељо, кој настапуваше за Барселона во тој период, смета дека тогашната конкуренција била толку силна што дури и најголемите млади таленти тешко добивале шанса во првиот тим.

„Мислам дека Ламин Јамал немаше да има место во составот на Барселона од 2012 година. Тогаш беше речиси невозможно млад фудбалер од академијата да се пробие во првиот тим поради огромната конкуренција. Зборуваме за Лионел Меси, Давид Виља, Педро и Алексис Санчез“, напиша Тељо.

Неговата изјава предизвика бурна дебата на социјалните мрежи, а малкумина се согласија со ваквата проценка. Јамал веќе се наметна како еден од најголемите таленти на светскиот фудбал, иако сè уште е на почетокот на својата кариера.

Тељо неодамна ја заврши професионалната кариера, откако му истече договорот со Палм Сити од Обединетите Арапски Емирати. Покрај за Барселона, во текот на кариерата настапуваше и за Порто, Фиорентина и Бетис.