• Саше Љолес

Ламин Јамал станува сè поголем бренд во Барселона, а интересот за неговиот дрес веќе ги надминува очекувањата на клубот. Поради огромната побарувачка, каталонскиот гигант веќе побарал од „Најки“ дополнителни количини од дресовите со бројот на младиот ас.
Само во една од официјалните продавници на Барселона неделно се продаваат повеќе од 1.000 дресови со името на Јамал. Уште поимпресивен е фактот што тој продава повеќе од двојно повеќе дресови во споредба со второпласираниот фудбалер на клубот според продажбата.
Практично, на секои 10 продадени дресови на Јамал, се продаваат само околу четири од играчот кој моментално е втор на листата.
Во Барселона очигледно препознаваат огромен комерцијален потенцијал, кој би можел дополнително да порасне доколку Јамал ја освои „Златната топка“. Клубот веќе размислува и за можноста во иднина да лансира посебни производи и колекции поврзани со својот млад фудбалер.
Интересно е што од „Камп Ноу“ ваквата популарност ја споредуваат со периодот на Лионел Меси. Според клупските статистики, слична побарувачка за дресовите била забележана токму во ерата на аргентинскиот ас.
Доколку продажбата продолжи со ова темпо, Барселона би можела дополнително да го искористи Јамал како еден од своите најпрепознатливи комерцијални адути, особено ако неговите индивидуални успеси продолжат да растат.



