• Саше Љолес
Лидерот во германската Бундеслига, Баерн Минхен, не успеа да победи на гостувањето кај Унион Берлин во натпреварот кој се играше во рамките на 26. коло и ремизираше со конечни 1-1 (0-0). Избраниците на Винсент Компани имаа огромна иницијатива, но четирите конкретни обиди во рамките на голот беа безуспешни.
- Унион Берлин - Баерн Минхен 1-1:
Првите 45 минути не понудија голови, а во второто полувреме резултатот го отвори Лерој Сане во 75. минута и донесе водство за баварскиот гигант. Домашниот тим не се предаде лесно и успеа да израмни девет минути подоцна преку Бенедикт Холербах, кој воедно ги постави конечните 1-1 на овој натпревар.
Баерн до крајот имаше уште комплетна теренска доминација (81% посед на топката), создаде уште две-три солидни шанси , но Унион се одбрани и стигна до вкупно 27 бода, додека Баварците имаат 62 бода, девет повеќе од Баер Леверкузен, кој има и натпревар помалку.
Аугсбург се избори за минимален триумф над Волфсбург (1-0), Мајнц и Фрајбург ги поделија бодовите во ремито со конечни 2-2, додека Борусија Менхенгладбах го торпедираше Вердер Бремен и се враќа дома со убедлива победа од високи 2-4.