Јаковлевиќ: Мечевите со дебитантите во Европа секогаш се најтешки

Збор на прес-конференцијата пред натпреварот меѓу Академија Пандев и Зрињски Мостар даде и Слободан Јаковлевиќ, кој ќе го предводи тимот на гостувањето во Скопје како капитен.

30-годишниот дефанзивец вели дека има максимална почит за македонскиот тим и потенцира дека не смее да се влезе во мечот опуштено, затоа што дуелите со дебитантите во Европа секогаш се најтешки.

„Знаеме доста за екипата на Академија Пандев. Ја почитуваме. Знаеме кои се нивните предности и нивните маани. Генерално, очекуваме тежок натпревар и знаеме што ни е целта. Секој дебитант во европските купови има што да покажат. Натпреварите со дебитантите во Европа се најтешки. Има доста предности, можеби имаме поголемо европско искуство. Но, не смее да се опуштиме“, изјави Јаковљевиќ.

Дуелот кој се игра во рамки на првото квалификациско коло од Лигата на Европа е закажан в четврток од 19:00 часот на Арената „Тодор Проески“.