Јаков: Головите не ми се притисок, туку мотивација да бидам уште подобар!

„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.

Во второто издание на оваа кампања запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.

Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.

Интервјуата продолжуваат со најефикасниот центарфор меѓу помладите пионери во Македонија, Огнен Јаков. Младиот играч, кој е и репрезентативец на Македонија во селекцијата до 16 години, имаше фантастичен период, во кој заврши како топ-стрелец во лигата и со хет-трик на својот Вардар му го донесе трофејот во Купот на Македонија.

Огнен, како се роди твојата љубов кон фудбалот и како изгледаа твоите почетоци?

„Во фудбалот се заљубив така што го гледав на почетокот мојот сосед кој тренираше и играше фудбал. На почетокот почнав да играм во балонот на Кул во Кисела Вода. Почнав со фудбал на пет години, ми беше интересно затоа што цело време бев со топка. Во клубот минав десет години, до оваа сезона, кога дојдов во Вардар. Моментално тренирам за да бидам подобар и истовремено одам на училиште.“

Шампионатот го заврши со 41 постигнат гол, плус уште 8 во Купот на Македонија. Со оглед на тоа што Вардар постигна вкупно 111 гола, ти преку погодоци и асистенции учествуваше во повеќе од половината. Како би ја оценил оваа сезона?

„Имавме добра клупска сезона, со голови ова е најдобра сезона за мене. Брзо се вклопив во Вардар, сите сме заедно, имавме убави моменти. Имавме киксови во лигата, таму завршивме трети, ама сето тоа ни се врати во Купот на Македонија. Имавме доста повредени играчи кога не победувавме, едно време и јас не можев да играм, но полека се враќавме. Имам вкупно 49 гола оваа сезона, а асистенции дваесетина.“

Во финалето на Купот на Македонија, Вардар го победи најголемиот ривал Пелистер. Какво беше чувството да се биде играч на мечот во дуел за трофеј?

„Беше навистина прекрасно. Долго време се подготвувавме за тоа финале, почнувајќи од добра исхрана и квалитетен одмор. Убаво беше чувството, го сонував моментот да имам такво финале, да покажеш што знаеш пред публика. Со моите голови успеавме да победиме со 4-0, висок резултат, заслужено славевме и бев многу среќен. Сите заедно прославивме по мечот и се дружевме“.

Кои тренери досега ти оставиле најголем впечаток и најмногу влијаеле на твојот развој како играч?

„Имав доста тренери во Кул, но кога почнав со голем фудбал, Драган Стефановски би го споменал, затоа што многу работи ми укажа и ме запозна со големиот фудбал и тактички и технички. Сегашниот тренер Јован Трајков исто така има многу голема верба во мене и е задоволен од сето тоа што јас го покажувам на теренот.“

Моментално играш како центарфор. Дали тоа е твојата омилена позиција и кој квалитет би го издвоил како твое најсилно оружје?

„Центарфорската позиција ми е омилена, во последните три години играм таму, но ако има потреба знам да играм и како играч за врска. Сепак, како шпиц најдобро се чувствувам, најприродно ми е. Кај себе како карактеристика би ја издвоил фудбалската интелигенција, затоа што тоа ми го има Бог дадено и кој и да ме тренира ми го кажал тоа. Техниката ми е на добро ниво.“

Во изминатиот период запиша нови настапи за У16 репрезентацијата на Македонија. Кои се твоите амбиции во националниот дрес?

„Претходниот месец ме земаа вторпат за У16-репрезентацијата, одиграв и на двата меча. Загубивме, но не бевме многу полоши од противникот. За во иднина ни следат квалификации, очекувам таму да бидеме подобри и да направиме разлика. Сонот секако еден ден е да играм за најдобриот тим на Македонија, нешто што го посакува секој фудбалер.“

Како и кај секој спортист, младите играчи често чувствуваат притисок, посебно кога се издвојуваат како најдобри. Како ти се справуваш со тешкотиите и очекувањата?

„Постои притисокот кај нас како млади фудбалери, посебно кога некој момент го чекаш долго, те фаќа и трема, зависи од моментот каде си и со кого си. Секој играч различно се носи со тоа, некој потешко, некој полесно, кај мене постои по малку, но не ми влијае, го гледам како позитивна трема, така што верувам во себе, затоа што знам дека сум работел и тренирал за тој момент кога ќе дојде и дека нема зошто да се плашам. Убаво е кога играш за најголемиот клуб во Македонија и кога даваш голови, така што немам притисок што сум член на Вардар и што имам улога да давам голови.“

Кои натпревари досега би ги издвоил како најзначајни, оние што никогаш нема да ги заборавиш?

„Сигурно дека од мечевите кои нема да ги заборавам го издвојувам финалето против Пелистер, затоа што дадов хет-трик, посебно е драго затоа што освоивме трофеј. Исто така би го споменал и мечот со Шкендија кога губевме со 0-3 во 20 минута, а до крај се вративме 3-3, исто и на тој натпревар дадов хет-трик.“

Кој е твојот фудбалски идол и каде би сакал да заиграш еден ден?

„За мене идол уште од мал ми е Кристијано Роналдо и сакам да се радувам како него, да пробувам да давам голови, да имам дисциплина и да работам на ист начин. Сум го гледал, навивам за Реал Мадрид, би ми се исполнил детскиот сон еден ден да заиграм таму.“