• Зоран Мишевски

Селекторот на швајцарската фудбалска репрезентација, Мурат Јакин не го криеше задоволството на средбата со новинарите по победата против Камерун, во првото коло од групата Г на Светското првенство во Катар.
Човекот кој ја одведе Швајцарија пред Италија на Мундијалот рече:
„Имавме малку тежок старт, но немам чувство дека бевме нервозни. Игравме многу зрело, ние сме тим кој добро се познава, кој долго време игра заедно“.
Швајцарија победи со голот на Брил Емболо на почетокот на вториот дел. Јакин оцени дека оваа победа ќе им даде самодоверба за натпреварот против Бразил во следното коло, кој се игра в понеделник, каде, како што изјави, „можеби ќе треба уште малку повеќе да се бранат“.
Во вториот натпревар од првото коло од групата Г, вечерва од 20:00 часот се среќаваат селекциите на Србија и Бразил.