Јакимовски се врати во Италија, потпиша на една година со Трапани

Македонскиот интернационалец Никола Јакимовски по кратката авантура во Грција, се враќа во Италија и ќе го облече дресот на Трапани. 29-годишникот, роден во Крива Паланка, го избра својот седми клуб во Италија - земја во која мина најдолг период од својата кариера.

Јакимовски се обврза на едногодишен договор со својот нов клуб и в понеделник ќе биде претставен пред медиумите. Дефанзивецот во нашата земја ги носеше дресовите на Македонија ЃП и Тетекс, а потоа ја започна својата долга интернационална кариера.

Настапуваше во Унгарија, Србија, Јапонија, но Италија беше земјата во која се пронајде и во која настапи и во Серија А. Ги носеше дресовите на Ференцварош, Јавор, Нагоја, Јагодина, Варезе, Комо, Бари, Беневенто, Виченца, Бишеље и Лариса.

Трапани е клуб со 114-годишна историја, следната сезона ќе игра во Серија Б и целта му е опстанок во лигата со опција ако се укаже шанса да се нападне врвот.