Јакимовски: Добивме нешто што долго време му беше потребно на фудбалот

За ФФМ, воведувањето на Clear Line е продолжение на определбата за поголема едукација, транспарентност и унифицирано толкување на Правилата на фудбалската игра, како и за правилна и контролирана примена на VAR технологијата и протоколот. Особено е важно сите чинители во домашниот фудбал – судии, клубови, играчи, тренери, медиуми и навивачи постепено да развиваат заеднички јазик кога разговараат за судиските одлуки.

Целта не е секогаш сите да се согласуваат со секоја одлука. Целта е сите да знаат кој е критериумот, што предвидуваат Правилата и која е стручната основа врз која судијата или VAR ја носи својата одлука.

„Со Clear Line добиваме нешто што долго време му беше потребно на фудбалот, можност критериумите според кои се носат судиските одлуки да бидат достапни не само за судиите, туку и за клубовите, играчите, тренерите, медиумите и навивачите. На овој начин, дискусијата за судењето може сè повеќе да се базира на правилата и официјалните стручни критериуми, а сè помалку на субјективни толкувања“, изјави за ФФМ Дејан Јакимовски, ВАР проектен лидер и член на Судискиот одбор.

Комесарот за делегирање на судиите и член на Судискиот одбор, во изјава за ФФМ, истакна:

„За нас е особено значајно што станува збор за заедничка европска референца. Истите принципи според кои ги едуцираме нашите судии и VAR официјални лица сега ќе бидат достапни и за пошироката фудбалска јавност. Веруваме дека поголемото знаење и разбирање носат поголема конзистентност, но и поголема доверба во судењето.“

Clear Line не е затворена база на ситуации. Платформата е создадена така што со текот на времето ќе се надградува со нови примери, кога во европскиот фудбал ќе се појават ситуации кои бараат дополнително појаснување или унифицирање на критериумите.