Ја врати Арминија во елитата по 11 години, а сега заработи отказ

Арминија Билефелд се реши за промени и му врачи отказ на шефот на стручниот штаб, Уве Нојхаус. Откако ги доведе до Бундеслигата по повеќе од една деценија пауза, тимот потфрли и е меѓу кандидатите за релегација, па Германецот доби отказ. 

Оваа екипа се наоѓа на 16-тата позиција од табелата, но проблемот се петте натпревари без триумф, со четири порази и едно реми против Баерн (3-3). Сепак, ниту тоа не беше доволно за Нојхаус да остане предводник на Арминија. Веќе во првиот дел од сезоната клупата на Германецот „се тресеше“, но тогаш успеа да се спаси, за разлика од сега. 

Нојхаус ја водеше Арминија од 2018 година, успеа од клуб кој е на средината на табелата во втората Бундеслига да ги донесе до првото место и пласман во елитата. Претходно работеше во Динамо Дрезден, Унион Берлин, Есен, вториот тим на Борусија Дортмунд, Хулс и Ватеншајд.