Израелски фудбалер уапсен во Турција поради поддршка за заложниците во Газа

Израелскиот фудбалер Сагив Јехезкел се најде во големи проблеми во Турција, откако при прославата на голот за својот клуб Анталијаспор, изрази поддршка за родната земја во воениот конфликт со Палестина во појасот Газа. 

Јехезкел донесе бод за својот тим, но сето тоа остана во сенка, затоа што беше уапсен и против него е поднесена кривична пријава за „поттикнување омраза и насилство“. Навивачите веднаш започнаа цела „хајка“ против него, а од клубот најавија дека неговиот договор ќе биде раскинат и тој ќе ја напушти земјата. 

Познато е дека Турција е на страната на Палестинците и во неколку наврати изразуваше поддршка за жителите на Газа, а случајот со израелскиот фудбалер е само уште една потврда за тоа колку оваа ситуација се сфаќа сериозно. 

„Неговиот договор ќе биде раскинат, без разлика на последиците. Нема да дозволиме поттикнување на насилство и омраза, особено не во нашиот клуб. Мислите на сите во Анталијаспор се со луѓето во Газа и се надеваме дека тој конфликт наскоро ќе заврши“, стои во краткото соопштение од Анталијаспор. 

Револтот на навивачите и јавноста започна кога Израелецот покажа на својот завој на раката, каде пишуваше „100 дена, 7.10“, алудирајќи на седми октомври, денот кога беа киднапирани израелските заложници, кои потоа беа држени во плен цели 100 дена. Овој потег беше оценет како херојски во Израел, но очигледно Турција има сосема поинаков пристап кога се работи за овој воен конфликт, кој е еден од најкрвавите во поновата историја. 

Сагив Јехезкел ја започна кариерата во Хапоел Тел Авив, а потоа играше уште за Макаби и Хаопел Бер Шева.