Изов: Имаме проблеми со играчкиот кадар, ќе играме за чест против Франција

Франција ќе биде противникот на Македонија во шестото коло од квалификациите за Европското првенство. Нашата селекција има една победа и четири порази во досегашниот дел од натпреварите, а ќе биде аутсајдер и на натпреварот кој е закажан на 22 септември.

Селекторот Кирил Изов објави список на фудбалерки за овој меч, на кој ги немаше Наташа Андонова и Гентјана Рочи.

„Имаме навистина големи проблеми со играчкиот кадар за овој натпревар. Покрај отсуството на Андонова и Рочи, не можеме да сметаме ниту на Романа Трајковска и Маја Ангеловска. Поради здравствената ситуација предизвикана од Ковид-19, двете не можат да допатуваат од Швајцарија и Словенија. Маријана Нацева има скршеница на рамото и исто така е надвор од составот. Франција е апсолутен фаворит. Ние ќе се обидеме достојно да се спротивставиме и покрај отсуството на неколку важни фудбалерки за нас“, изјави македонскиот селектор.

Проблемите со кои се соочува Изов дополнително ја фаворизираат француската репрезентација, која доаѓа во Скопје по цел плен.

Натпреварот меѓу Македонија и Франција е закажан за 22 септември со почеток од 21:00 часот.